Во отсуство на главните во шверцот на говеда од Македонија во Албанија, судот изрече затворски казни за ветеринарите, полицајците и сточарите кои организирани во група нелегално препродавале крави. Еден сточар е најстрого санкциониран со осум години и шест месеци. Останатите имаат по три, четири и пет години затвор. Процесот познат како „Милка“ започна во февруари и за осум месеци финишираше со денешната објава на пресудата.
Малкумина од осудените негодува на казната во судница, само еден се израдува за својата ослободителна пресуда, а поголемиот дел го слушаа судијата без реакција и без да изустат збор.
Наспроти осудените, нивните роднини, надвор пред судот, беа погласни и се скараа со судската полиција. Откако слушнаа дека правилото е само еден од семејство може да присуствува на објавата на пресудата, неколкумина реагираа. За момент се создаде метеж во холот на судот, но брзата интервенција на еден полицаец ги отстрани надвор неколкутемина погласни. За среќа, иако имаше туркање, не дојде до поголем инцидент.
Со оглед дека просторот во судницата е ограничен роднините беа побројни надвор отколку внатре. Судската зграда за цело време остана обезбедувана од полицијата.
Судот им пресуди на 32 вмешани во шверцот на крави од сточните пазари во Македонија до Албанија каде ги продвале. 14 од обвинетите се албански државјани и се први на списокот осудени, но тие не се достапни за судските органи. Тирана не сакаше да ги екстрадира во Македонија и побара таму да им се суди. Но судот во Скопје денеска и ним им одреди затворски казни од три до пет години.
Инаку групата, според пресудата, пренесувала говеда преку граница. Откако прво ќе ги зеле од неколку сточни пазари низ државата, им ги отсранувале или менувале ушните идентификациони маркички и ги транспортирале до граница. Оттаму преку поткуп на граничари стоката ја предавале на албански државјани кои понатаму ја продавале.
Пресметката на Јавното обвинителство беше дека заработиле два милиона евра. Но, адвокатите реагираа токму на тоа- дека ниту парите ги има како доказ, ниту пак кравите кои биле шверцувани. Непознато е и каде завршувала стоката откако ќе ја презеле албанските државјани.
Извесно е дека ќе следува продолжение на процесот во Апелација.
„Казните не се драконски, тоа е најважно. Иако постојат елементи за жалба, сепак е добро што судот за многумина од обвинетите има укинато некои кривични дела. А останати им се главно делата за злосторничко здружување и криумчарење, оттаму и поразумните цифри“ – изјави адвокатот Мирослав Вујиќ.