Ирачкиот парламент денеска усвои закон со кој се криминализираат хомосексуалните односи и трансродовите лица, со казни и до 15 години затвор. Законот беше донесен по првата верзија, која предвидуваше смртна казна.
Веднаш реагираше меѓународната невладина организација Амнести интернешнл која го критикуваше „кршењето на основните човекови права“, оценувајќи дека денеска усвоените амандмани „ги загрозуваат Ирачаните кои и онака секојдневно се малтретирани“.
Тие амандмани, со кои се менува законот против проституција од 1988 година, беа усвоени на седница на која присуствуваа 170 пратеници од вкупно 329, соопшти прес-службата на ирачкиот парламент.
Новиот закон предвидува казни од десет до 15 години затвор за хомосексуални односи, како и за размена на сексуални партнери (свинг) во хетеросексуални односи, се наведува во текстот што го виде агенцијата АФП.
Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, со седумгодишна затворска казна за „промовирање на хомосексуални односи“.
Законот, исто така, забранува „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува затворска казна од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родовата транзиција.
Слична казна е предвидена за секој маж чие однесување се смета за женско.
Ирачкото општество ја отфрла хомосексуалноста, а малата ЛГБТ+ заедница често е цел на „киднапирање, силување, мачење и убиства“ од вооружени групи кои остануваат неказнети за нивните злосторства, се вели во извештајот на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч од 2022 година.