Тригодишната казна затвор на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, му истекува во април следната година. Тој по спогодбата за случајот ,,Империја” во струшкиот затвор влезе на 22 август 2022 година, а во казната му се засметуваат и четирите месеци кои претходно ги помина во притвор.
Но наместо следната пролет, постои можност Мијалков наскоро да излезе на слобода, бидејќи веќе го искористил законското право кое му следува и побарал скратување на казната. Ваквото барање првично му било одбиено од Кривичниот суд, а на 3 февруари истото е доставено до Апелација. Деновиве второстепениот суд ќе треба да пресече.
Апелација претходно укина три пресуди против Мијалков за случаите „Трезор”, „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик, тој и дефинитивно се спаси од казна затвор за „Таргет- Тврдина“ и „Титаник 2“, а „Трезор“, застарува годинава.
Тој беше осуден на казна затвор од една година и три месеци за ,,Плацеви на Водно”, но казната затвор од една година и три месеци Апелација му ја замени со условна.
Предвреме од затвор, пред неколку месеци, излезе и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Нејзиното барање за условен отпуст беше одбиено од Кривичниот суд, но Апелација и даде зелено светло и и ја скрати казната за 11 месеци.
В.В.