Затворската казна на Груевски може да биде укината, пресудата за „Тенк“ во рацете на Вангеловски

by fokus

Екс премиерот и бегалец Никола Груевски набрзо може да се спаси од затворската казна за случајот „Тенк“, бидејќи предметот е испратен во Врховниот суд, до каде што Груевски поднесе жалба за вонредно преиспитување на пресудата. Ова значи дека Кривичниот совет на Врховниот суд, на чело со Јово Вангеловски, може да одлучи да ја укине пресудата и случајот да го врати од почеток, што би значело ослободителна пресуда за Груевски, бидејќи делото за кое се гони ќе застари.

Предметот за „Тенк“ со месеци не пристигаше во Врховниот суд, бидејќи беше во Апелација, каде што се одлучуваше по жалба на обвинетата Гордана Јанкулоска.

– Со оглед дека со доставата конечно се создадени услови за постапување по предметот и по претходно доставениот вонреден правен лек од страна на одбраната на обвинетиот Н.Г., предметот „Тенк“, заедно со списите од раздвоената постапка, веднаш се доставени на надлежно постапување во Врховниот суд на Р.С.М.

Судот потсетува дека неколку пати се обратил до Врховниот суд со предлог да се достават фотокопии од предметот по кој постапуваше Апелациониот суд, за да не се одолговлекува постапката, но не добиле повратен одговор, информираат од Кривичниот суд.

Груевски за набавката на мерцедесот од 580.000 евра беше осуден на двегодишна затворска казна, па во моментот кога требаше доброволно да се пријави во затвор тој избега во Будимпешта, Унгарија.

Иако ова засега е единствената пресуда со затворска казна за Груевски, сепак и истата да се укине, сепак не се очекува Груевски да се врати во државата, бидејќи може да заврши во притвор како осомничен во повеќе предмети на СЈО.

Валентина Вурмо

Поврзани новости