Казнено-поправниот дом Струга е дом од отворен вид, во кој најголемиот број осудени лица се со најлиберален отворен третман, а во согласност со Законот за извршување на санкциите, осуденичката средина функционира врз принципот на самоорганизација, вели директорот на Управата за извршување на сакнции, Марјан Спасовски во интервју за неделникот „Фокус“.
-Голем дел од осудените лица секојдневно во работните денови работат во фирми надвор од установата и се достапни за комуникација, а на секои 30 дена користат и погодност – домашно отсуство.
Оттука сметам дека доколку постоел интерес за да се оствари контакт со некој од нив, немало пречка со нив да остварите разговор и надвор од установата. Освен тоа, во ситуација кога се функционира во отежнати услови на пренатрупаност во сите казнено-поправни установи, навистина веќе претставува и безбедносен ризик да се задоволат многубројните барања за посети во нив, вели Спасовски откако „Фокус“ побара, но Управата не ни дозволи да направиме репортажа од струшкиот затвор.
Интервјуто беше објавено откако се дозна дека поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, исто како и Орце Камчев го сменил живеалиштето од Скопје во Охрид и сега тригодишната затворска казна за „Империја“ ќе ја издржува во струшкиот затвор.
ФОКУС: Дали е точно дека со месеци претходно Камчев ја реновирал келијата каде што треба да престојува? Дали е тоа една од причините поради кои на екипата на „Фокус“ не ѝ беше дозволен влез во затворот во Струга?
СПАСОВСКИ: Во текот на 2021 година, во Казнено-поправниот дом Струга беа вложени капитални инвестиции од Буџетот на Управата за извршување на санкциите, со кои беше заменета покривната конструкција на домот, потоа беа заменети старите прозорци со нови, како и останатата столарија и реновиран ентериерот во установата.
Ова го нагласувам од причина што сакам да Ви укажам дека ниедно осудено лице немало потреба да реновира, ниту смее да реновира во установата, а најмалку тоа смее да го прави некој што во иднина ќе издржува казна затвор, како што наведувате дека тоа го направил осудениот Камчев.
Единствено што е дозволено, согласно Правилникот за куќен ред на осудените лица, е тие да го уредуваат животниот простор со лични предмети, како една од погодностите што им е дозволена за доброто поведение и залагање во работата, за поттикнување добро однесување и за развивање чувство на одговорност, интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата.
Разговараше
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК