Затворот „Идризово“ ќе се поднови со нов мебел, односно набрзо двете нови згради ќе се опремат со 540 кревети, шкафови и друг потребен мебел. Управата за извршување на санкциите склучи договор „тежок“ 252.500 евра, со фирмата Друштво за производство, промет и услуги БАЗИК-СИСТЕМИ ДОО Скопје, која има обврска мебелот да го испорача за два месеци.
„Изработка, транспорт и монтажа на мебел од метал во Отворено и Полуотворено машко одделение во КПД Идризово, пишува во склучениот тендер, кој е објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки.
Јовица Стојановиќ, директорот на Управата за извршување на санкциите, истакнува дека најголемиот затвор во државата „Идризово“, наскоро ќе добие поинаква слика.
-Со примената на Законот за амнестија ќе се растерети бројот на затворениците во „Идризово“, како и со Законот за пробација, а со опремувањето на двете згради, дополнително ќе се создадат подобри услови за престој. Во април или мај, очекувам сликата за затворот „Идризово“ целосно да се промени, се разбира на подобро, ни изјави директорот Стојановиќ.
Затворот досега имаше капацитет за сместување на 850 осуденици, а реално престојуваа околу 1.850 лица.
В.В.