Сериозен недостаток на професионален и стручен кадар во казнено поправните домови, лоши материјални услови, несоодветни простории за сместување, влага, недоволно затоплување и нефункционален систем на повикување, констатирал Националниот превентивен механизам (НПМ) на Народниот правобранител.
Заменикот-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, денеска изјави дека извештајот за 2017 година препорачува итни мерки за санација на затворот во Скопје, особено во делот за притворени лица.
-Во разговор со притворените дознавме дека често се случува да бидат навредувани по етничка основа, особено припадниците на ромската заедница, а службени лица неретко за време не претресите се однесувале на груб, понижувачки и дрзок начин. Имаме сознанија и наводи за корупција кои препорачуваме да се испитаат. Констатиравме продажба на мобилни телефони и сместување на лица во простори во притворениот дел каде сигнал за телекомуникациските мрежи не е блокиран. Тимот се увери дека во делот од затворот сигналот не е блокиран – рече Бајрамовска-Мустафа.
Како што рече таа во самиците се затвораат по три лица поради што често има вербални и физички пресметки меѓу нив.
Освен тоа, извештајот посочува дека медицинскиот персонал не е постојано присутен во установата и дека на лица сместени во простории за изолација не им се вршат секојдневно прегледи иако е тоа задолжително според закон.
-Има недостаток на здравствен и медицински кадар, апаратура и лекови. Во Скопје по 20 часот нема здравствен и медицински персонал. Двајца лекари работат по две смени до 20 часот, а медицинска сестра до 15 часот – додаде заменичката на народниот правобранител.
Таа потенцираше дека е повредено и правото на приватност бидејќи при посетата е констатирано дека дел од тоалетите во ќелиите немаат врата, па осудениците закачуваат кебиња.
Во Куманово, рече таа, затворот се соочува со недостиг на вода.
-Во секоја просторија посетена од нашиот тим беше констатирано дека и осудените и притворените чуваат вода во пластични шишиња. Системот за повикување во ниту една просторија на притворското одделение не е функционален, а користењето на правото на прошетка на притворените лица за време на неповолните временски услови и понатаму е оневозможено бидејќи просторот не е покриен – посочи таа.