Затвореникот бил спроведен без полициска асистенција – обвинителство ги бара снимките од „Идризово“

by fokus

Управата за извршување на санкции најави дека ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница. Ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот, како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан. Издадена е и наредба за распишување на централна потерница.

УИС во соопштение наведе дека синоќа околу 23,20 часот при спровод на осуденото лице Б.М (36) од КПУ Идризово во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ поради повреда на десната рака, на автопатот кон Скопје кај бензиската пимпа на Лукоил, службено возило било пресретнато од возило марка „ауди” со сива боја без регистерски таблички кое им го блокирало патот.

– Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот.Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило „ауди”. Вработените во затворската полиција го пријавиле случајот во СВР Скопје, појаснуваат од УИС.

Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување, а со учесниците на настанот извршени се разговори од страна на надлежните на МВР.

Осуденото лице Б.М од Тетово бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Казната ја издржува од 28.12.2020 година, а истекува на 17.04.2040 година.

Случајот го испитува и Скопското обвинителство и обвинителството издаде повеќе наредби и насоки со цел расчистување на настанот.

По осуденото лице се трага под сомнение дека сторило кривично дело – обид за убиство на службено лице.

-Повредениот припадник на затворската полиција е задржан на лекување, додека останатите тројца кои го спроведувале осуденото лице и нивниот сменски командир се задржани во полициска станица. Дополнително уште неколку лица се повикани да дадат свој исказ во полициска станица за целосно испитување на настанот.

Со цел да се утврди дали во конкретниот случај се испочитувани законските процедури дали евентуално има основи за сомнение за кривично дело – противзаконито ослободување на лице лишено од слобода од член 373 од Кривичниот законик, јавниот обвинител веднаш нареди да се обезбедат снимки од видеонадзорот во КПУ „Идризово“ – Скопје, како и листинзи од мобилните телефони на службените лица. Од Управата за извршување санкции е побарано да изврши вонреден надзор врз почитувањето на затворските процедури, велат од Обвинителството.

Поврзани новости