Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната прес-конференција ги соопшти наодите од инспекциски надзори од повеќе инспекциски служби во надлежност на Советот, кои интензивно се спроведуваат на терен, со цел да гарантираат целосно почитување на мерките на Владата за заштита од корона вирусот.
„Во таа насока и најголемиот дел од вкупно 3.233 контроли спроведени од Државниот пазарен инспекторат се однесуваат на работењето на угостителските објекти. При тоа се затворени вкупно 48 угостителски објект во повеќе градови и населени места низ државата. Истовремено инспекторите во повеќе градови низ државата направија визуелни контроли при што констатацијата е дека поголемиот дел од угостителите ги почитуваат мерките. Државниот пазарен инспекторат изминатата недела интензивно ги контролираше и кафематите на бензинските пумпи и на други локации по градовите и при тоа во периодот од 2 до 5 април се забранети за употреба над 215 кафемати“, рече Филиповска-Грашкоска.