Состојбата со корона вирусот во Тиквешко се стабилизира, и денес во ковид одделот во кавадаречката болница се хоспитализирани 13 пациенти, а има 22 слободни места.
Директорот на болницата, д-р Диме Коцев за ,,Фокус“ информира дека поради намалениот број на хоспитализирани пациенти, се затвора ковид одделот на четвртиот кат од болницата.
-Сите пациенти од вчера се сместени во модуларната болница, која има капацитет од 35 легла. Поради намалениот број на инфицирани од Ковид-19 на кои им е потребна хоспитализација, решивме привремено да го затвориме делот на четвртиот кат кој беше пренаменет во ковид оддел. Да се надеваме дека трендот на намалување на хоспитализиарни пациенти ќе продолжи, да нема опуштање и да се почитуваат мерките за заштита – изјави д-р Коцев.
Во Кавадарци непречено се одвива и масовната вакцинација во регионалниот центар, во спортската сала ,,Јасмин“. Интересот на граѓаните е голем, а здравствените власти потенцираат дека имунизацијата е најефикасниот начин да се избориме против пандемијата.
Според последната информација од Институт за јавно здравје од пред два дена, во Кавадарци од почетокот на пандемијата битката со вирусот ја изгубиле 148 лица, во Неготино 57 лица, а во Демир Капија 11 лица. Регионот беше силно подоген од вирусот и досега се инфицирале дури 7.714 лица, од кои 5.141 во Кавадарци, 2.177 во Неготино и 396 во Демир Капија.
Вики Клинчарова