Пред два дена ,,Фокус” објави вознемирувачки фотографии кои ни ги доставија вработени во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, со цел да ја алармираат јавноста, но и министерот за здравство Арбен Таравари, во врска со условите под човечко достоинство во кои престојуваат пациентите.
Отворено прашаа дали некој од надлежните смета дека во такви услови може да престојуваат луѓе, и дали можат пациентите во такво опкружување да имаат било какво подобрување на нивната ментална состојба и да се рехабилитираат, што е всушност и целта на постоењето на установата. Го поканија министерот Таравари, заедно со новинарски екипи со камери, да дојде и да ги посети, па да одговори на прашањето дали установата, таква каква што е, може да функционира како болница.
Следеа бурни јавни реакции, но и низа на прашања од загрижени родители на деца со ментална попреченост, кои отворено прашуваат: Зарем по нашата смрт, кога ќе нема кој да се грижи за нашите деца, тие ќе завршат овде? Зошто во државата не се инвестира во овие установи? Ќе се започне ли конечно да се мисли на пациентите со ментална попреченост, кои имаат право на достоинствен живот? Како може да живееме мирно со спознанието дека откако нас ќе не нема, нашите деца ги чекаат овие ѕидови? Дали за вакви услови за нашите деца, ние цел живот плаќаме здравствено осигурување?
По добивањето на фотографиите од страна на вработените, кои открија дека пациентите немаат ниту пижами, бидејќи истите заглавиле на тендер, дека немаат доволно чаршави, а храната која ја добиваат е неквалитетна, ,,Фокус,, се обиде да стапи во контакт со директорот на установата, Жан Лозановски. Не добивме одговор на нашите бројни повици на телефонските броеви за контакт истакнати на официјалната страница на болницата, но по објавата на веста, самиот директор не контактираше, со цел да ја појаснел фактичката состојба во установата.
Како што раскажува за ,,Фокус”, состојбата не е беспрекорна, ама сепак, според него, не било се така црно. Тој е поставен на функцијата околу шест месеци, односно во август 2024 година. Кога дошол, вели дека затекнал хаотична состојба, но тврди дека по шест месеци успеал да ја подобри хигиената и дисциплината, како и финансиската состојба. Од друга страна пак, вели дека вработените не биле задоволни од личниот доход, кој каснел еден месец.
Порача дека се потребни донации, проекти и разбирање од повисоките инстанци, но исто така, кажа и дека ќе се градат две нови згради за сместување на пациентите, како и дека е планирано реновирање на постоечките простории. Кога би започнале овие проекти – нема официјална информација.
Во прилог, целиот разговор со директорот Жал Лозановски, кој по професија е магистер на економски науки.
ФОКУС: Бевте поставен за в.д. директор на ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар во август 2024 година. Каква беше состојбата која ја затекнавте во установата кога дојдовте на чело на истата?
ЛОЗАНОВСКИ: Состојбата која ја затекнав беше беше хаотична и за мене неприфатлива и неразбирлива! Лоши хигиенски услови, како во просториите каде се сместени пациентите, така и околу просториите.
ФОКУС: Денес, по шест месеци на функција, кои промени се случија?
ЛОЗАНОВСКИ: Денес, после шест месеци, одговорно тврдам дека состојбата со хигиената и дисциплината во болницата се далеку подобри! Финансиската состојба е стабилна и без никакви проблеми во работата.
ФОКУС: Колку пациенти моментално престојуваат во установата, и колку вработени има?
ЛОЗАНОВСКИ: Во установата моментално се хоспитализирани 253 пациенти и 369 пациенти во екстрахоспитала. Во установата има 238 вработени.
ФОКУС: Дали сметате дека условите во кои престојуваат пациентите се достоинствени, дали установата е соодветно опремена и средена за да во неа се рехабилитираат и живеат луѓе?
ЛОЗАНОВСКИ: Во рамките на своите можности болницата секојдневно се труди да им обезбеди подобри услови за престој во установата првенствено на пациентите, но и услови за работа на вработените во установата. Установата е опремена за да во неа се рехабилитираат пациентите, но сметаме дека може да се доопреми и дека во иднина ќе го направиме тоа.
ФОКУС: Кои се проблемите со кои се соочувате вие како директор, и кои се проблемите со кои се соочуваат вработените?
ЛОЗАНОВСКИ: Недоволно финансиски средства, донации, проекти и разбирање од повисоките инстанци за проблемите во болницата. Вработените се незадоволни од личниот доход кој касни еден месец!
ФОКУС: Дали и кои надлежни институции се запознати со условите во установата?
ЛОЗАНОВСКИ: Редовно имаме инспекциски надзори во установата, а за самите услови известени се Министерството за здравство, ФЗОРСМ и Министерството за финансии, како од мене, така и од претходните раководства.
ФОКУС: Што конкретно ќе се превземе за да установата заличи на здравствена институција?
ЛОЗАНОВСКИ: За наредниот период планираме реновирање на постоечките простории, кои потенцирам се стари и по 80 години, и изградба на две нови згради со капацитет од 140 легла.
Вики Клинчарова