Заталка ли во институционални лавиринти случајот со девојчето од Кочанско, за кое таткото вели дека на измама му е одземено?!

Фото илустрација

by Fokus

Пред неколку дена јавноста сведочеше на потресно обраќање пред камерите на регионалните телевизии на Б.Д. од Соколарци, Кочанско, кој обвини дека неговата 11-годишна ќерка е одземена од семејството и сместена во згрижувачко семејство, без конкретна причина.

Таткото посочи дека забележал како девојчето не е психички добро во изминатиот период и зборувало нелогчни работи, по што го однел на преглед кај матичната лекарка. Таа пак, како што дознава „Фокус“, по извршениот разговор со девојчето, пријавила сомнение за можна злоупотреба на девојчето од страна на членови на нејзиното семејство, по што биле превземени мерки од страна на надлежните институции, односно кај девојчето бил извршен лекарски преглед, и било сместено во интервентно згрижувачко семејство.

Во обраќањето пред камери, таткото раскажа дека тој е речиси неписмен, но секогаш добро ги воспитувал своите деца, сега одземеното девојче, како и нејзините двајца малолетни браќа. Појасни дека и неговата сопруга, мајката на децата, имала здравствени проблеми. Истакна дека семејството му е уништено, дека ќерката постојано плаче и бара да се врати дома, а тој не знае каде да се обрати.

По обелоденувањето на настанот, „Фокус“ го контактираше ОЈО Кочани, од каде истакнаа дека во институт за Судска медицина било утврдено дека нема траги од злоупотреба, и старателското право на родителите не е одземено од ОЈО, туку девојчето било моментално сместено во згрижувачко семејство, по одлука на Центар за социјална работа Кочани.

Зошто девојчето се уште не е вратено кај своето семејство, дури и откако се утврдило дека нема траги од злоупотреба, од ЈУ Центар за социјална работа Кочани одговорија дека тие располагаат со писмена информација дека ОЈО Кочани се уште нема добиено анализа од извршеното вештачење, и покрај тоа што од обвинителството уште пред два дена за „Фокус“ изјавија дека се утврдило како нема траги на злоупотреба.

Според центарот, од нивна страна биле превземени мерки за помош и заштита согласно Законот за семејството и Законот за социјална заштита спрема малолетното дете.

-Јавна установа Центар за социјална работа Кочани има преземено мерки за помош и заштита согласно Законот за семејството и Законот за социјална заштита спрема малолетно дете кое се јави на наша евиденција како дете во висок социјален ризик по пријава од матичен доктор.

Пријавата се однесува на добиени сознанија од страна на матичниот доктор за можна злоупотреба на малолетното дете од страна на членови на нејзиното семејство. По добиената пријава од страна на матичниот доктор од страна на ЦСР интервентно се преземаа сите потребни мерки за негова заштита согласно неговата возраст како и ризикот поради несоодветната родителска грижа.

Веднаш беа извршени сите потребни лекарски прегледи и беше сместено во интервентно згрижувачко семејство кое обезбедува: згрижување, 24-часовна помош и поддршка, исхрана, облека и обезбедување здравствена заштита, во зависност од утврдените потреби на детето-истакнаа од установата.

Неофицијално, една од причините поради кои девојчето се уште се наоѓа кај интервентно згрижувачко семејство била запоставеноста од страна на родителите.

Случајот предизвика бурни јавни реакции, посебно под објавите на видео прилозите со таткото.

Видеата се прегледани над 200 илјади пати, и имаат стотици коментари во кои граѓаните прашуваат зошто се дозволило вакво страдање на едно семејство, наместо да им се пружи соодветна помош од социјалните служби, во вид на редовни домашни посети, разговори со стручни лица и усмерување кон нормално функционирање во домот.

Актуелни се и повиците до социјалните служби, да прошетаат покрај семафорите во Скопје, каде секојдневна слика се запуштени деца кои питачат.

Во меѓувреме, семејството од кочанско повеќе од 20 дена тврди дека живее во агонија, без својата ќерка. Од центарот за „Фокус“ истакнаа дека работат според законски регулативи, и јавноста ќе биде транспарентно известена околу тоа како ќе се одвива случајот кој предизвика голем број на полемики.

Вики Клинчарова

Поврзани новости