Шест тинејџери беа застрелани по прославата на американскиот празник „Juneteenth“вчера пред центарот на Милвоки во американската држава Висконсин, соопшти полицијата.
Полицискиот оддел во Милвоки интервенираше вчера попладне во близина на паркот Роуз, откако четири девојки и две момчиња на возраст меѓу 14 и 19 години беа повредени од огнено оружје, изјави началникот на полицијата Џефри Б. Норман за време на прес-конференција. Повредите не се опасни по живот, додаде тој, јави Си-Ен-Ен.
„Милвоки, што се случува со нашите деца?“ рече Норман. Тој додаде дека осум години е дел од прославата на „Juneteenth“и никогаш не видел вакво насилство.
Полицијата соопшти дека верува дека пукањето дошло по тепачка меѓу тинејџерите.
Едно 17-годишно момче е осомничено и е меѓу застреланите, рече Норман. Полицијата соопшти дека продолжува со истрагата и откривање на сите други можни осомничени.
Градоначалникот Кавалиер Џонсон го нарече инцидентот „целосно неприфатлив“ и објасни дека во тоа време имало илјадници луѓе во областа.