Застарело делото „злосторничко здружување“ за Јанкулоска, Јанакиески и Протоѓер за „Титаник“

by fokus

Обвинението против поранешните министри, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер за делото „злосторничко здружување“ застарело, констатирал Апелациониот суд во вчерашната одлука со која им се ублажија казните на обвинетите во предметот „Титаник“.

Второстепениот суд утврдил дека настапила апсолутна застареност на кривичното гонење за „злосторничко здружување“ согласно член 107 став 1 точка 4 в.в. со член 108 став 6 од КЗ, а во која насока се и жалбените наводи на одбраната.

Апелација објаснува дека, според обвинението, Протоѓер, Јанкулоска и Јанакиески делото за кое е пропишана казна затвор од една до пет години, го сториле во првата половина на 2011 година, така што заедно со обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.

Согласно член 107 став 1 точка 4 од Кривичниот законик, ако во овој законик не е поинаку определено, кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат пет години од извршувањето на кривичното дело за кое според законот може да се изрече затвор над три години.
.
-Кривичното дело Злосторничко здружување од член 394 став 1 од КЗ, е довршено со самото создавање на групата или бандата, организирањето е нужно поврзано со пристапување на членови кон здружението, што значи дека делото е довршено кога организаторот ангажирал во остварувањето на заедничкиот план уште најмалку две лице кои пристапиле како членови на здружението. Од аспект на односот на ова sui generis кривично дело со извршените дела како цел и план на здружението, организаторот и припадниците на здружението одговараат за ова дело и покрај нивната одговорност за извршените дела, опфатени со целта, односно планот на здружението, во кои самите учествувале како извршители или соучесници – реален стек.

Оттука, имајќи ги предвид конкретните факти во изреката на пресудата по однос на времето на извршување на кривичното дело што им се става на товар на обвинетите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кои имаат изјавено жалби против првостепената пресуда и обвинетиот Мартин Протоѓер, кој нема изјавено жалба, како и претходно изнесените законски одредби со кои што се регулирани текот и роковите за настапување застареност на кривичното гонење, овој суд утврди дека во конкретниот предмет на ден 30.06.2021 година – значи уште во време кога се водела кривичната постапка пред првостепениот суд, настапила апсолутна застареност на кривичното гонење како околност што го исклучува истото, поради што следуваше овој суд по однос на ова кривично дело да ги уважи жалбите на обвинетите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, а по жалбите и по службена должност во смисла на член 430 од ЗКП – привилегија на здружувањето, да одлучи како во изреката на оваа пресуда под II, согласно член 435 став 1 в.в. со член 402 точка 6 од ЗКП, се вели во одлуката на Судот.

Обвинетите лани во февруари признаа вина во предметот „Титаник“ кој се однесуваше на изборните нерегуларности, а го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство. Апелација им ги намали казните, односно на Јанакиески затворската казна од четири години и шест месеци му ја намали за една година, на Јанкулоска и ја замени затворската казна од две години и шест месеци со условна.

Јанакиески сега преку својата одбрана бара да му замени затворската казна со времето со кое го има поминато во притвор.

Во овој случај првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски на кого му се суди во отсуство.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости