Основниот кривичен суд Скопје денеска означи прекин на кривичното гонење на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, обвинет за масовното незаконско прислушување од 2008 до 2015 година, на стотици граѓани во Македонија.
Застапниците на обвинението во овој главен предмет на СЈО познат како „Тврдина-Тагргет“, согласно измените на Кривичниот законик на 6 септември за уништување на сите предмети за висока корупција, кажаа пред судот дека делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата за кои е обвинет Мијалков, апсолутно застаруваат.
Штетата ќе ја плаќа државата.
За случајот „Таргет-Тврдина“, Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година првично изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Во овој предмет со обвинението опфатени се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.