Институциите не смеат да затаат, одговорните имаат име и презиме и секој од нас заслужува да знае кои се тие што одлучиле дека бесценетиот живот сепак ќе има цена, порачува новинарката Вања Мицевска, која зборува за своето искуство како онколопки пациент.
-Клиниката за онкологија. е установата каде секој од нас ги полага последните атоми надеж кога работите ни се лизгаат од раце, објект каде се испреплетуваат изнемоштеноста и надежта, каде се раѓаат пријателства меѓу луѓе кои се сакаат како браќа и сестри, каде некој ги кажал најискрените молитви, каде некој успеал својата болка да ја претвори во сила, раскажива Мицевска.
Таа понатаму вели дека по информацијата дека се злоупотребувала терапија на Клиниката која е главна во грижа за луѓето на кои им е дијагностициран канцер, кај нив се јавува неверување, страв, гнев и занеменост.
-Четири години подоцна, тие браќа и сестри кои всушност не се крвно поврзани, ќе излезат на улица да бараат правда за срцата кои престанале да чукаат во телата на нивните соборци заболени од рак, кои некој можеби намерно погрешно ги третирал и несоодветно ги „лекувал“, пишува Мицевска.
Таа јавно прашува како се создавале медицински истории за луѓе кои никогаш немале рак.
-Зошто некоја таканаречена медицинска сестра се одлучила да се офајди од терапиите кои живот значат? Зошто продолжила да работи дури и откако вистината за нејзиниот безобразлук излегла на виделина? Дали навистина некој давал физиолошки раствор наместо хемотерапија? Колку животи можеле да бидат спасени, а отишле во неповрат?, прашува Мицевска.
Таа понатаму вели дека место да го живеат животот откако ја победиле болеста, по откривањето на скандалот на Клиниката за онкологија сега се на улиците да бараат правда.
-Додека извикуваме, секој од нас голта кнедла додека во себе ги споменува имињата на оние кои веќе не се овде. Сигурна сум дека нашите соборци и соборки нѐ гледаат од горе и ни пуштаат сила да го истраеме овој пат, затоа што предавањето во никој случај не е опција, рече Мицевска.
Таа понатаму се прашува дали луѓето во институциите ќе имаат порив да најдат разрешница за неправидте нанесени на невини луѓе.
-Дали сторителите некогаш ќе ги заболи крикот на родителот по чедото кое никогаш веќе нема да го помилува? Дали ќе ги заболи нашиот копнеж да им го слушнеме гласот на оние кои ги познававме кратко, но исто како да сме ги познавале цел живот? Дали ќе ги заболи тоа што во некои семејства, ниту еден празник веќе нема да биде среќен? Дали ќе ги изгори пламенот на свеќите што ги палиме за спокој на душата на оние кои никогаш нема да ги преболиме? Дали ќе дознаат дека грижата на совест може да им биде најголема казна? Дали знаат дека перницата на која немирно ќе ја спуштаат главата секоја вечер ќе им биде најтесен кафез?, прашува Мицевска.
Таа понатаму вели дека им продолжува животот додека во умот им се вртат овие прашања како на некоја распиана лента.
-Понекогаш патот ќе нѐ однесе кон Клиниката за онкологија, онаа која за добродушните здравствени работници е многу повеќе од работно место. Залудно е нозете да нѐ враќаат, кога знаеме дека ќе мора да отидеме во зградата сместена од спротива на клиниката каде секој ден се слуша првиот плач на некој кој штотуку дошол на овој свет. Институциите не смеат да затаат, одговорните имаат име и презиме и секој од нас заслужува да знае кои се тие што одлучиле дека бесценетиот живот сепак ќе има цена!, изјави Мицевска.
Според неа болеста не дискриминира, таа подмолно се вгнездува без да гледа возраст, вера или националност.
-Но затоа, да порачаме дека политиката треба да стои подалеку од нашата борба за живот. Нашиот активизам на улиците да не се политизира и партизира, да маршираме без говор на омраза, да го задржиме нашето достоинство за да добиеме достоинствен здравствен систем, порачува Мицевска