Погребот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални ќе се одржи денеска во Москва. Неговото семејство и соработниците на Навални се убедени дека руските власти нема да дозволат погребот да помине мирно.
На московските гробишта има засилено обезбедувањето, како обид на властите да ги обесхрабрат луѓето да присуствуваат на погребот на долгогодишниот критичар на Кремљ.
Портпаролката на Навални, Кира Џармиш, за мрежата X соопшти дека церемонијата треба да започне во 14:00 часот по локално време (12:00 часот по средноевропско време) во Црквата на иконата на Мајката Богородица во московскиот кварт Марино, каде некогаш живеел Навални.
Во близина на гробиштата Борисовско и блиската метро станица дежураат полициски патроли. На улични столбови околу периметарот се поставени надзорни камери, а подготвени се и метални огради, јавува рускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), повикувајќи се на RusNews.