Со законот за потекло на имот треба да се овозможи граѓаните да се заштитат од притисоци од функционери кои ќе бараат од нив имотот да го стават на нивно име, истакна претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска.
Таа посочи дека веќе е направена драфт-верзијата на законот за потекло на имотната состојба на функционери, посочувајќи дека понатаму сѐ зависи од расположението на пратениците во Собранието.
Но, како што порача Ивановска, она што ДКСК го заговараше не е предвидено децидно во законот – граѓаните да се заштитат од притисоци од функционери кои што ќе бараат од нив имотот да го стават на нивно име.
-Знаете како е во Собранието. Пред се, зависи од расположението на пратениците и чии интереси тие ќе застапуваат. Затоа што најголемите пречки, односно оние кои се најмногу против донесување на овој закон со образложение дека има се во другите закони. Не дека нема, но факт е дека не се применуваат – рече Ивановска на Сител.
После нејзиниот настап, се огласија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде соопштија дека првата антикорупционерка потврдила дека функционери имаат имот кој не го пријавуваат и побараа ЈО да истражи дали е купен со парите од криминалните тендери.
„Во изминатиот период имавме бројни скандали и корупциски афери, од кои гледавме како од власта се испумпувани пари преку тендери, набавки се плаќани неколкукратно поскапо од тоа што чинат, изјавата на Ивановска само потврдува дека тие пари завршиле во купување на имот, кои функционерите го кријат. Доколку Билјана Ивановска како прв антикорупционер во државата знае за политичари кои имаат имот, а не го пријавеле, т.е. е запишан врз други лица, таа од позиција на институцијата на чие чело се наоѓа треба веднаш да поднесе кривични пријави против истите и да ги обелодени пред јавност“, истакнаа од партијата на Христијан Мицкоски.