Повозрасните малолетници, односно оние млади кои се уште не наполниле 18 години, иако невакцинирани против корона вирус, слободно можат да престојуваат во кафулиња, бидејќи според новите мерки, опфатени се само лица кои наполниле 18 години.
Токму поради тоа, млади на возраст од околу 16 и 17 години, деновиве по стапувањето на новите протоколи за заштита на здравјето, исто како и во минатото, без проблем си ги продолжуваат дружбите во кафулињата, каде на сите кои веќе наполниле 18 години им е забранет влез доколку не се вакцинирани.
Според голем дел од јавноста, се работи за очигледен пропуст во одредените мерки, бидејќи самите млади постојано се посочуваат од страна на здравствените авторитети како најголемите потенцијални преносители на вирусот.
Како и зошто се дозволило тоа, да оние со неполни 18 години не подлежат на мерките, додека пак некои, дури ако се родени и само неколку дена по првите, се сметаат за потенцијална опасност за јавното здравје и не можат без приложен доказ за вакцинација да влезат во угостителски локал или пак трговски центар, е прашање кое е актуелно деновиве и ја иритира јавноста.
Дали се планира надополнување, односно корегирање на оваа мерка, и дали можеби се планира дозволен влез во овие објекти на малолетни лица единствено со придружба од имунизиран родител/старател, ,,Фокус” се обрати за информација до министерот за здравство, Венко Филипче.
Според него, засега мерките за заштита на здравјето на населението од Ковид-19, донесени врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести остануваат исти и нема да се надополнуваат.
-Засега не, мерките се за полнолетните. Не можеме да наметнеме правила за малолетни – кратко ни изјави министерот.
И додека голем број на ресторани работат со значително намален капацитет, кафулиња кои и во минатото биле збиралишта на младината, продолжуваат со исто темпо на работа, бидејќи повозрасните малолетници се изоставени во новите мерки.
-Кога им е дозволено, нормално е дека младите ќе посетуваат кафулиња, по сите рестрикции и ограничувања поради пандемијата, разбирливо е дека сакаат да се дружат и да имаат социјален живот. Невакцинирани родители не можат, а нивните невакцинирани деца можат, според новите мерки, и навистина е потребна корекција во дел од донесените мерки, со цел да го добијат посакуваниот ефект – се најчестите реакции по повод новите протоколи за заштита.
Вики Клинчарова