Засега нема отпуштања во автомобилската индустрија, само рационализација на производството

by Fokus

Намалување на производството, односно побарувачката за автомобили на глобално ниво од околу 4,3 отсто може да има влијание врз работењето на  странските компании од автомобилската индустрија во државата. Од Асоцијацијата на странски компании од автомобилската индустрија при Стопанската комора на Македонија велат дека засега нема да има отпуштања на работници, но за да опстанат на глобалниот пазар очекуваат зголемување на продуктивноста на вработените и намалување на трошоците на работење.

Најголемо намалување ќе има на кинескиот пазар од околу 2,5 милиони, потоа во Европа, а најмало намалување ќе има на американскиот пазар. Според прогнозите првото закрепнување во овој сектор се очекува најрано во 2022, но уште поверојатно во 2023 година кога се очекува да се остварат слични резултати како оние во 2018 година.

-По растот од 28 години во Кина оваа година има намалување помеѓу 12 и 13 отсто во продажбата на возила, во Индија тоа намалување е уште подрастуично и изнесува од 25 до 30 отсто во продажбата на месечно ниво во однос на минатата година. Оние земји кои беа главните двигатели во зголемување на побарувачката на автомобили БРИКС земјите имаат една целосна инверзија. Бразил беше единствената земја каде што се продаваа помалку возила сега таму се продаваат повеќе возила, додека во Кина, Русија, Индија и Јужна Африка намалувањето е драстично. Најмногу погодени се премиум производителите на возила каде има поголем пад на продажбите, вели претседателот на Асоцијацијата, Виктор Мизо.

Според него, причините за ваквиот пад на продажбата е глобалната трговска војна помеѓу Кина и САД, потоа несигурноста во врска со тоа што ќе се случи со Брегзит, регулативата околу емисии на јаглерод диоксид, регулативите за електрификација, економското успорување на некои светски економии и другите алтернативи за возила.

Некои од глобалните производители на возила најавија намалување на бројот на вработени и отпуштања, а овој тренд се очекува да продолжи и во наредните две-три години.

Според Борјан Борозанов, потпретседател на Асоцијацијата во наредните две години ќе има подрастичен пад на продажбата на автомобили на глобално ниво што ќе се одрази и врз Македонија.

-За да можеме да опстанеме на глобалниот пазар потребно е зголемување на конкурентноста на производите и на продуктивноста на работниците, како и намалување на трошоците на производство, вели Борозанов.

Глобалната криза во автомобилската индустрија ќе се одрази врз работењето на 30 компании во државата чие учество во извозот изнесува над 50 отсто.

Поврзани новости