Во изминатите два месеци, се реализираше акцијата за пошумување на шумските насади наречена „СОНЧЕВА ГОРА“ во чии рамки Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Национални шуми, волонтерите на Пивара Скопје и локалното население засадија околу 40.000 дрва – 10.000 дрвја во Ќојлија (Петровец) и 30.000 дрвја во Велес, во близина на езерото Младост.
Со оваа акција се реализираше ветувањето што беше дадено оваа пролет од Пивара Скопје, Мен енд Маунтен, и Пакомак поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање, по акцијата за чистење на отпад – „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2022“ – за секои 10 килограми отпад што ќе се соберат, да се посади по едно дрво. Еко-акцијата беше спроведена во 26 општини ширум земјата, а во неа учествуваа над 8000 волонтери, со што заслужено го доби приматот – најмасовна еколошка акција коja досега била спроведена во нашата земја.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја поздрави акцијата и ја истакна важноста на ваквите акции и заложбата за заеднички придонес кон подобрување на квалитетот на живот во нашата држава. „Драго ми е што после ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, ова е прва од десетте вакви акции кои ќе следат. Тука сме да дадеме максимална поддршка, но воедно и да ги поттикнеме сите заедно да се приклучат. Зелената транзиција е еден од петте приоритети на Министерството, нашата цел и фокус е да го промениме начинот на размислување, навиките, но и да дадеме поддршка на она што значи живот. Секое едно дрво значи живот!“ изјави министерот Љупчо Николовски.
Генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ го изрази своето задоволство за неверојатниот успех и позитивни резултати од оваа акција и повика на уште поголема масовност во акциите што следат. „Горд сум на сите волонтери и Пиварци кои беа дел од оваа акција и им честитам од срце за постигнатиот успех! Заедно со нашите партнери посадивме 40.000 дрвја. За Пивара Скопје, ова е исклучително важно бидејќи ни помага да ги споиме двете најважни стратешки иницијативи – „Свет без отпад“ и сета посветеност која ја имаме за намалување на CO2. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите наши партнери да ни се придружат и заедно да ја направиме нашата земја уште подобро место за живеење,“ вели генералниот директор Горан Сладиќ.
Поздравувајќи ја иницијативата Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, им го честита успехот на организаторите на големата еко акција: „Трансформација на приближно 400 тони собран отпад во дрвни насади и со тоа создавање на „СОНЧЕВА ГОРА“ е видлив бенефит за сите! Ова е одличен пример како правилниот однос кон отпадот, волјата да се собира и рециклира, вклучувајќи иновативен пристап и креативност, од отпадот од минатото може да се гради зелена иднина“ истакна министерот Нуредини.
Целта на „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ и „СОНЧЕВА ГОРА“ е да се исчисти земјата од отпадот на минатото и да се рециклираат во зелена иднина во следните десет години – од 30-ти до 40-тиот роденден на нашата земја. „Сите слоеви на општеството надвор од сите етнички, социјални и политички граници ги здружуваат силите за да направат одржлива промена во начинот на кој постапуваме со нашата животна средина и управувањето со отпадот. Горди сме на сите луѓе во нашата земја, кои избраа да ја направат вистинската работа: чување и грижа за нашата земја со цел градење иднина за нас и за генерациите што доаѓаат“, споделија Гордана Софија и Ханес Јаецкл од Мен енд Маунтен.