Зарина Првасевда: Тоа што го правиме кога никој не гледа, кажува кои сме!

by fokus

Битолчани ќе влезат во Новата година со гласот на Зарина Првасевда, која што ќе има свој концерт на плоштадот ,,Магнолија” од 23:30 до 01:00 часот. Околу тоа која е девојката со интересен псевдоним која што годинава стана актуелна на социјалните мрежи и во медиумите, и која ја има честа да ги забавува битолчани за најлудата ноќ, ,,Фокус” ги открива деталите.

Станува збор за дваесетипет – годишната Евгенија Здравевска, која за себе вели дека е дете од Демир Хисар кое што имало голем сон, си го следело сонот, и стигнало до овде, целата јавност да го слушне нејзиниот глас и за кратко време да стане сензација.

https://www.youtube.com/channel/UCrr3yqyiGujevCHVH7mU3Jg?fbclid=IwAR0l3yVGqX7W-GeGhroiwkJxa5bMmZtY6t6gJKCb5HgHeTjyrHDVnQah7aY

Минатата година во декември, за прв пат на социјалните мрежи беше објавено видео од неа, која планинарејќи ја пее старата македонска песна ,,Билбил пее”. Девојката со интересен глас веднаш го привлече вниманието на јавноста, по што следуваа објави и на други видеа, каде на планините изведува етно песни.

-Родена сум во Демир Хисар, таму го поминав детството, во една мала средина. За време на тинејџерските години најчесто бев во Битола, затоа знам да кажам дека таму сум помеѓу свои луѓе, па затоа и голема чест ми е што ќе настапувам на плоштадот за дочекот на Новата година, а посебно поради времето на настапот, значи буквално на полноќ јас ќе бидам на сцената – раскажува Зарина.

Вели дека иако студирала дефектологија, сепак музиката и била голема страст. Се барала себе во џезот, во рок звуците, била играорка, имала настапи со бендови и во минатото, за да потоа сосема случајно се пронајде во традиционалната, стара песна.

-Сега сум во Скопје, посветена сум на работата околу издавањето на мојот прв албум. На него ќе се најдат стари песни, односно обработки на наши, но и на песни од Албанија, Турција, Бугарија… Сите ние сме поврзани со музиката, таа според мене е нашиот универзален јазик. Албумот треба да излезе во јануари 2020 година и со нетрпение го очекувам – вели таа.

Додава дека поради обврските со музиката, периодов немала многу слободно време за својата голема љубов – планинарењето, но сепак раскажува дека нејзина мисија е да се работи на свеста на јавноста кон природата.

-Имам еден апел до читателите, а тоа е секогаш да се однесуваме одговорно кон природата. Сите ние може вака јавно да кажеме се најдобро, но не е важно тоа што го кажуваме, туку она што го правиме кога никој не не гледа. Да не се остава ѓубре во природа, секој да си го собере отпадот пред да си замине од планината, сите да бидеме одговорни на дело. Свеста мора да се крене на повисоко ниво кога е оваа тема во прашање – порача Зарина.

Околу значењето на нејзиниот псевдоним под кој што настапува, раскажува дека без размислување го избрала според старата охридска песна ,,Зарина прва севда”.

-Зарина е преубаво старо име, а пак прва севда значи прва љубов. Многу ја сакам песната, не ми требаше многу време за да го изберам ова име како мој псевдоним или уметничко име под кое ќе настапувам. Околу сите случувања периодов, околу тоа што на некој начин излегов во јавност и го предизвикав вниманието на народот, знам да кажам дека сето тоа е некоја повисока сила.

Но, драго ми е поради се што ми се случува, сакам да ја искористам можноста да порачам дека ова е моја мисија, да го сплотувам народот со музиката, но и да ја подигам свеста за односот кон природата, бидејќи ова што му се случува на човештвото, со загадувањата и сличните хаварии, веќе излегува од контрола. Мора да се има одговорен однос – вели Зарина.

На сите кои што ќе бидат присутни на нејзиниот концерт во Битола на дочекот на Новата година им порача дека ќе даде се од себе за да имаат убава и весела ноќ, и се заблагодари на честа што изборот паднал на неа.

-Во Битола имав настап за време на општинската манифестација на 4-ти ноември, поминавме многу добро. Затоа, поканата да настапам на новогодишната ноќ не ми беше големо изненадување, но тоа што ќе пеам точно на полноќ ми дојде како голема чест, и ќе ја оправдам довербата која што ми е доверена – изјави таа за ,,Фокус”.
Вики Клинчарова

Поврзани новости