Поради интересот на јавноста да се помогне на семејството Најдови од неготинско Долни Дисан, чиј дом се распаѓа, отворена е и сметка за донации за оние хумани граѓани кои сакаат да донираат од странство.
Приказната која ја објави ,,Фокус” во четвртокот допре до пошироката јавност. Младиот Димитар Аврамов од Неготино, кој започнал со хуманитарен проект, со цел да му помогне на тричленото семејство од Долни Дисан, организирајќи низа на хуманитарни настани го привлече вниманието и на нашинци кои живеат и работат во странство.
-Знаеме дека во Македонија има многу социјални случаеви, но фотографиите од домот во кој преживуваат Најдови не оставија без зборови. Не можеме да поверуваме дека се дозволило една фамилија така да се мачи во 21-от век – беа само дел од реакциите кои пристигнаа во нашата редакција од страна на наши иселеници по објавата на текстот.
Семејството на кое му е потребен кров над главата, бидејќи во нивниот дом нема никакви услови за нормален живот е составено од таткото кој има проблеми со видот, мајката која е со блага ментална попреченост и нивниот син. Луѓето дури немале ниту лични карти, за да може да им се отвори сметка за донации, па затоа хуманистот Аврамов отворил сметка на име на нивни роднина.
Со средствата собрани од хуманитарните спортски и културни настани кои ќе се случуваат овој месец, но и со донации од хумани граѓани и компании, ќе се гради скромен дом за Најдови. Целта на Димитар била да се ангажира градежна фирма, да се обезбедат материјали, а жители од селото самите се понудиле да помогнат во изградбата.
Граѓаните кои живеат надвор од Македонија и сакаат да помогнат, можат да донираат на следната сметка: Milan Najdov IBAN: MK07240197002114139 Unibank SWIFT: UIBMMK22XXX
Граѓаните од земјава кои сакаат да донираат, тоа можат да го направат на следната сметка: Милан Најдов 240197002114139 Уни Банка
Вики Клинчарова