Јас плачам, децата ме тешат и ми викаат да се смирам, ќе се врати мама, ми кажуваат, каде и да е, веруваме дека е жива и дека ќе се појави на вратата, дека ќе се разбудиме од овој лош сон, за ,,Фокус” раскажува Дејан Јанков, чија сопруга Злата (45) веќе два месеца се води како исчезнато лице.
На 16-ти јуни заминала среде бел ден од нивната викендичка во село Орел каде му помагала на сопругот со земјоделие, и кажала дека со такси ќе си оди дома, во Свети Николе.
Од тој момент и се губи траг, а сопругот и синовите, од кои едниот е малолетен, немаат мир и бараат одговори.
-Се јавуваме во полиција, ни викаат дека кога ќе има нешто ново во истрагата, тие ќе ни се јават и ќе ни кажат. Ја објавуваме фотографијата на Злата на социјалните мрежи…
Овде, во околината секој камен се помести, секаде се пребара, како во земја да пропаднала возрасна жена, мајка, сопруга, посветена на фамилијата… Никој ништо не знае, никој ништо не видел и не слушнал…
Што да направиме ние како семејство, каде да се обратиме? Пасошот и личната карта и се дома, немаше причина таа да замине било каде. Имавме мирен живот, никому не сме должни, немаме непријатели, низ плач раскажува сопругот.
Вели дека со синовите чувствуваат дека е жива и не губат надеж. Изминатиот период во околината на селото Орле имаше и пожар, на терен беа присутни многу екипи, но и покрај големиот број на луѓе во околината, никој не забележал никаков траг кој би водел до Злата.
-Ова е една агонија која никому не ја посакуваме. Како може без траг да исчезне жена? Зарем да се помириме дека туку така, едноставно ја снемало?
Веќе по не знам кој пат, ја замолувам јавноста во име на целото семејство, ако било кој знае нешто за случајот, да не се двоуми, да не чека, туку да пријави во полиција. Животот на сите ни се претвори во кошмар, апелираме до јавноста за било каква информација за Злата, моли сопругот.
За случајот со исчезнатата жена ,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати. Исчезната е од 16-ти јуни, од околу 15 часот, и иако кога заминала од викендичката на сопругот му кажала дека со такси ќе си оди дома, подоцна било утврдено дека не повикала такси.
Во потрагата се вклучиле бројни екипи и волонтери, како и дронови, но не е пронајден никаков траг од светиниколчанката.
Вики Клинчарова