Со сума од околу 25 милиони евра се поддржани проекти од годинашната програма за култура, а резултатите од Конкурсот, кои ги објави Министерството за култура ја брануваат јавноста.
Според кои критериуми и дали финансиската поддршка е распределена коректно, прашува претседателот на Здружение на естрадни уметници на Македонија, Горјан Стојановски, кој е дипломиран музичар по класична музика – виолина, како и автор на забавна и фолк музика.
Зарем Благица Павловска, која е наше национално богатство, со 13 издадени албуми, заслужи да не добие финансиска помош за концерт со кој ќе одбележи три децении на сцената, прашува тој. Покрај Павловска, ги спомна одбиените проекти на турскиот уметник Каан Мазхар и на дуото ДНК.
-Според последните случувања околу конкурсот за доделување на финансиска поддршка за проекти со културна вредност од страна на Министерството за култура, се појавија некои недоследности за кои ние, како Здружение на естрадни уметници на Република Македонија никако не можеме да најдеме објаснување.
Имено, по линија на случајот, засега откривме три апликации за концерти на наши членови кои не добија поддршка од Министерството за култура по аплицирањето на годишниот Конкурс за финансирање на проекти од национален интерес. Проектите со кои аплицираа овие естрадни уметници, се јубилејни концерти, со кои тие сакаат да одбележат заедно со своите фанови и целата македонска јавност долги години активно делување на македонската музичка сцена.
Се работи за концерт 20-годишен јубилеј на групата ДНК, кои веќе се огласија во јавноста, концерт 25-годишен јубилеј на нашиот турски уметник со интернационална кариера Каан Мазхар и најпосле, концерт за 30-годишен јубилеј на нашето национално богатство, единствената Благица Павловска, која беше пресреќна дека некој се сети да и организира концерт по повод нејзината толку значајна и долгогодишна кариера! Инаку, куриозитет за Благица, таа има издадено 13 албуми и безброј хитови, без кои ниедна наша прослава не поминува-појаснува Стојановски за ,,Фокус”.
Вели дека на ЗЕУМ им е драго што добиваат финансиски средства Културно Уметничките Друштва за своите годишни и јубилејни концерти,како и многубројни фестивали,хорови,камерни оркестри и така наречени кавер бендови кои пресвируваат/преработуваат странска или наша музика (често пати истите теми), но според него, небулоза е да не се поддржат истакнти музички имиња кои имаат кариери со авторска музика во која вложиле илјадници евра низ годините за снимање на аудио и видео записи, музика која исто така е останува како културно национално богатство, посебно во веќе обнародените песни на Благица Павловска.
-Замерка имаме и на тоа дека една иста комисија во музичко-сценската област оценува проекти од класична музика, џез, забавна музика, диџеји, хорови, кавер бендови и студија за танц, едноставно не е возможно добро да се снајдат во селекцијата освен ако некој не ги насочи или да е по линија на познанство.
Друга работа која не зачуди, е тоа што во изјавата на министерката Костадиновска-Стојчевска, таа вели дека била запазена етничка рамка, а ние имаме неколку колеги Турци, од кои еден веќе го спомнавме со интернационална кариера, кој секаде кажува дека е горд Македонец, е одбиен со својот проект.
Потоа, таа вели дека и е дадена предност на домашната жива култура, а сепак имаме тројца уметници, активни, брендови во своите бранши, кои еве, овојпат не добиваат поддршка и тоа за големи јубилеји!-вели Стојановски.
Раскажува дека Павловска кратко му кажала дека ништо повеќе не ја изненадува, но сепак, тој во негово и во име на ЗЕУМ прашува кои се критериумите кои овие естрадни уметници не ги исполниле, и како да се исправат овие пропусти, додека уметниците се живи, со желба да ја споделат својата енергија преку музика.
-Дали естраднава музика се смета дека не носи национална вредност? Дали во иднина, доколку еден Гаро, еден Влатко Стефановски, една Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Владо Јаневски, Блага Петреска, Виолета Томовска и други наши ценети уметници кои се апсолутно наше национално богатство конкурираат за јубилејни концерти, државата нема да им додели финансиска поддршка, па макар и најмала??? Кои се критериумите? Што не ни е нам јасно???
И најважно, прашуваме како да се поправат овие пропусти и тоа сега, додека се нашите уметници тука, живи и полни со енергија која сакаат да ја споделат со нас преку нивната музика! – реагира претседателот на ЗЕУМ.
Вики Клинчарова