Запросувања и срушени рекорди на маратонот во Скопје

by Fokus

Над 6.000 тркачи вчера учествуваа на 17-то издание на Виз Ер Скопски маратон. Учесниците кои беа пријавени на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон –ЕУ стартуваа во 8:00 часот, а трката на 5 км започна во 8:10 часот.

Стартот и целта на овогодинешниот маратон беше од платото пред Спортски центар Борис Трајковски, а патеката по која трчаа учесниците остана иста како и минатите години.

Беа срушени машкиот и женски рекорд на маратонот, и победата отиде кај Дарио Ивановски од машка и Андријана Поп-Арсова од женска конкуренција.

Ивановски пристигна до целта со време од 02:21:27, со што го сруши македонскиот рекорд и го постави новиот рекорд на Виз Ер Скопскиот маратон, второто место го освои Младен Стевановиќ, со време од 02:34:54, а на третото место се најде Давид Перлиќ, кој патеката ја истрча за 02:38:26.

Поп-Арсова пак, маратонот го истрча за 02:40:36 и го сруши досегашниот македонски рекорд во женска конкуренција на маратонот, второпласирана е Силвија Александра Паредер Јукаила, со време од 02:43:43 и третото место го освои Весна Кираџиева со време од 03:23:42.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги додели наградите на прво пласираните на маратонот и се заблагодари на целата организација и волонтерите.

Покрај позитивната енергија и доброто расположение кое владееше за време на настанот, се случија и неколку запросувања на самиот финиш на трката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости