Запрен истекот од Вруток, Вардар се излеа кај Раотинце

by Fokus

Центарот за управување со кризи соопшти дека ќе го запре истекот на вода од Вруток, бидејќи според информациите добиени од  хидролошките станици низ земјава се уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полошката Котлина.

„Освен приливот од дождовите во реката Вардар ќе нема дополнителен прилив на вода во коритото откако Центарот за управување со кризи (ЦУК) координираше да се сопре целосно истекот од ХЕЦ ‘Вруток’.“, соопшти ЦУК.

Од Центарот за управување со кризи велат дека поради тоа што нивото на реката Вардар е високо градоначалниците во Полошко треба превентивно да се подготвуваат за можните излевања да не бидат на штета на населените места во Полошката котлина.

„Според последните добиени податоци во ЦУК од хидролошките станици низ земјава се уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полошката Котлина. Во Скопје на реката Вардар е регистриран прилично висок водостој и е можно, речиси до горе, да биде исполнето со вода првото минор корито на реката“, информираат од ЦУК.

Центарот од претседателот на месна заедница од село Раотинце во Општина Јегуновце добил пријава за излевање на Вардар, при што покрај ниви и површина се поплавени и куќи од селото.

„Водата од реката се прелеала на критичните места кај Копанце и преку месноста ‘Старо Вардариште’ дошла во атарот на село  Раотинце. Ова е второ излевање на водата од Вардар во време од еден месец во овој предел“, соопшти ЦУК.

Зголемен водостој, според информациите од ЦУК, се очекува Вардар да има и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес.

„Нивото на реката Треска се уште е високо, додека на останатите водотеци има намалување или стагнација на водостоите во однос на утринските“, соопшти ЦУК.

Центарот за управување со кризи предупредува на внимателност при движење покрај речните корита и поројните суводолици особено во реони на поројните поплавувања, а и на територијата на државата каде што ќе има поројни локални дождови.

Поврзани новости