Запре судската постапка против Драган Павловиќ -Латас и неговите двајца браќа за нелегална изградба на викендици, бидејќи вишото скопско обвинителство го повлекло обвинението, соопшти Апелација.
-Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1083/22 во јавноста познат како „Тревник“, по повод жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, одржа главна расправа на ден 23.01.2024 година, на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, во завршен збор го повлече обвинителниот акт на Јавното обвинителство за гонење на незаконско следење на комуникациите НСК-КО.бр.10/17 од 29.06.2017 година, преземено од ЈО на РСМ и заведено во ОЈО Скопје под КО.бр.2938/19 против обвинетите Д. П. Л., С.П. и З.П., за по едно кривично дело Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик, по што Судот донесе пресуда со која се одбива обвинението, согласно член 402 точка 3 од ЗКП, велат од Апелација.
Овој случај беше покренат од СЈО, а ова е втор пат како стигнува пред второстепениот суд.
Првиот пат Латас доби ослободителна пресуда, но Апелација ја укина и предметот се врати на повторно судење. Сега пак се повлече обвинителството.
Тој и неговите браќата се гонеа од СЈО за градење на три викенд куќи во Зелениково, кои според обвинителството почнале да ги градат во 2011 година, а одобренијата за градба ги добиле во 2013 година.
На Латас и на неговите браќа, според кривичното дело за кое беа обвинети им се закануваше казна затвор од три до осум години.
Валентина Вурмо