Поради измените во Кривичниот законик, запре кривичната постапка за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Обвинети во овој случај беа ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се гонеа по член 353 од Кривичниот законик за делото злоупотреба на службената положба и овластување, за кое со најновите измени на КЗ се намалени казните и е воведена горна граница, што повлекува застарување на делата.
Меѓу обвинетите во истиот случај беше и експремиерот Никола Груевски кој се гони за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
На денешното судско рочиште за случајот, обвинителката Лиле Стефанова побара повлекување на обвинението против поранешниот премиер Груевски поради настапување апсолутна застареност, а запирање на постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените на Кривичниот законик.
Трошоците на постапката, согласно денешното решение, паѓаат на товар на државата.