Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел ќе го отвори билатералниот скрининг состанок за Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални вредности“.
Во следните два дена, Работната група за преговори, низ 24 презентации, ќе ја претстави позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на Северна Македонија во однос на европското право во областа на судството, антикорупциската политика, основните права, правата и заштитата на малцинствата и правата на граѓаните на ЕУ.
Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права“ ги покрива областите на правосудство, антикорупциска политика и фундаментални права.
Европските принципи за фундаментални права се утврдени во Повелбата за фундаменталните права која што со стапувањето на Лисабонскиот договор на сила е правно-обврзувачка за земјите членки.
Во оваа област фокусот на Европската Унија е ставен на борбата против дискриминацијата, расизмот и ксенофобијата, слободата на изразување, заштитата на личните податоци како и на заштитата на ранливите групи, како што се децата, жените и малцинствата, информираат од Секретаријат за европски прашања.