Се подготвуваат нови антикризни мерки со таргетиран пристап, ќе се зголемат платите и пензиите според предвиденото во колективните договори, ќе продолжат поддршката за компаниите, грижата за стандардот на граѓаните и капиталните инвестиции, најави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во интервјуто за Канал 5 ТВ.
„Во антикризните мерки коишто во моментов се подготвуваат што наскоро ќе бидат презентирани, ќе бидат опфатени најранливи категори на граѓани, меѓутоа ќе бидат опфатени и пензионери кои примат пензија до ниво на минимална плата. Минималната плата постојано расте, наредната година ќе имаме минимална плата којашто ќе биде во висина од 22.500 денари, што историски е највисоко ниво“, соопшти премиерот Ковачевски.
Kако што додаде, до крајот на ова година во Буџетот се предвидени 75 милиони евра за антикризни мерки, а за идната година се предвидени дополнително 55 милиони евра за антикризни мерки.
„Буџетот ги исполнува целите за коишто е направен, а тоа е обезбедување на економска, фискална и макроекономска и монетарна стабилност на државата. Ја исполнува целта за зголемени плати за работниците во администрацијата, во образование, во здравството и во целиот јавен сектор, за поддршка на компаниите во инвестициите и секако зголемено ниво на инвестиции во инфраструктурата“, оцени премиерот Ковачевски.