Започна туристичката сезона во Дојран, плажите и рестораните полни со посетители

by Fokus

Со продолжениот празничен викенд се отвори туристичката сезона во Дојран, и се наполнија плажите, шеталиштето и угостителските локали.
За време на изминатиот викенд, беше речиси невозможно да се резервира соба во хотел или апартман, бидејќи капацитетите беа исполнети неколку недели наназад.

Температурата која се движеше и до 33 Целзиусови степени ја започна сезоната на сончање и капење, и покрај тоа што плажите не се целосно средени.
Дојран е познат и по пристапните цени во рестораните и кафулињата. Безалкохолни пијалоци и разни сорти на кафе по цени од 40 до 70 денари, сортни вина од познати винарии од 500 до 700 денари за 750 мл, богати салати од 100 денари па нагоре, порција риба со гарнир за 250 денари, разни специјалитети од икра за 100 денари…

И наредниот викенд Дојран очекува голем број на посетители, поради одржувањето на првиот триатлон за 2021 година. Станува збор за Националното триатлон првенство, кое ќе се одржи во Стар Дојран на 29-ти и 30-ти мај, кое и минатата година привлече многу гости од цела земја во општината.
Кога е корона вирусот во прашање, Дојран покрај Демир Капија е единствената општина во Македонија, каде моментално нема ниту еден активен случај.

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости