Започна церемонијата за официјалното пуштање во употреба на гасоводот меѓу Грција и Бугарија

by fokus

Започна церемонијата за официјално пуштање во употреба на меѓусистемската гасна врска Грција-Бугарија. Домаќин на настанот, кој се одржува во салата 3 на НДК, е бугарскиот претседател Румен Радев, јави дописникот на МИА од Софија.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, влезе во салата заедно со претседателите на Северна Македонија и Бугарија. По нив во салата влегоа претседателите на Србија и Азербејџан и премиерите на Грција и Романија.

Форумот го отвори бугарскиот премиер Галаб Донев. Тој во својот говор истакна дека гасоводот меѓу Грција и Бугарија има исклучително сериозна димензија, не само во однос на домашната економија за Бугарија и Грција, туку и за регионот. Гасоводот ги надминува границите на двете соседни земји бидејќи ќе отвори нови можности во енергетиката во широк регионален план.

– Ситуацијата во светот е комплицирана, рече Донев, особено по почетокот на војната во Украина.

Бугарија го поддржува договорот меѓу Азербејџан и ЕУ. На церемонијата присуствуваа европскиот комесар за енергетски прашања Кадри Симсон, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев. Присуствуваат и вршителот на должноста премиер Галаб Донев, извршните директори на проектната компанија „ИЦГБ“ АД Теодора Георгиева и Јоргос Сатлас, како и претседателите Петар Стојанов (1997-2002) и Георги Прванов (2002-2013).

Објектот е со вкупна должина од 182 километри (на бугарска територија должината е 140 километри) и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод. Вкупната вредност на гасоводот е над 240 милиони евра, од кои ЕК бесплатно ги обезбеди за физибилити студии во 2010 година.

Поврзани новости