Човекот кој лани го застрела и сериозно го рани премиерот на Словачка – Роберт Фицо денеска беше донесен во судница во окови за почетокот на судењето кое може да му донесе доживотна казна затвор.
Јурај Цинтула (72) признава дека го застрелал премиерот во мај минатата година, но негира дека имал намера да го убие.
Обвинителите го нарекуваат тоа терористички чин.
Кога новинар го праша зошто го застрелал премиерот Роберт Фицо, Цинтула одговори: „Затоа што ја задуши културата“.
„Да живее слободната култура! Да живее демократијата“, извика тој додека го водеа во зградата на Специјализираниот кривичен суд во централниот словачки град Банска Бистрица.
Обвинителката Катарина Хабчакова му рече на судот дека ја отфрлила понудата на Цинтула да го реши случајот со прифаќање на казна од 12 години затвор.
„Цинтула дејствувал со цел трајно да го оневозможи (Фицо) да ги извршува должностите на премиер и со тоа да го спречи правилното функционирање на владата“, рече Хабчакова.
На суд, неговиот адвокат рече дека одбраната го отфрла обвинението за тероризам бидејќи „не секој напад врз службено лице е тероризам“ и бидејќи „Цинтула дејствувал исклучиво против Фицо“.
Пензионираниот работник, поранешен рудар, каменорезец, автор и јавен активист им рекол на истражителите дека пукал во Фицо за да го повреди, но не и да го убие поради несогласувања со политиките на премиерот за Украина, медиумите и културата.
Цинтула одби да се изјасни за виновен на суд и одби да сведочи. Обвинителот ја прочитал неговата изјава за време на истрагата во која тој рекол дека пукал ниско за да избегне да го убие Фицо.
Напаѓачот испукал пет куршуми од пиштол од растојание од 1,2 метри додека премиерот ги поздравувал граѓаните во градот Хандлови.
Фицо бил погоден четирипати, во стомакот, како и во раката и ногата.