Започна Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД

by Фокус

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, го отворија Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој денеска се одржува во просториите на Стејт департментот во Вашингтон.

-Стратешки дијалог со САД претставува ново поглавје во нашите меѓусебни односи, кое ќе го надгради нашето Стратешко партнерство и ќе постави рамка за понатамошно унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји. Особено нѐ прави горди што Северна Македонија е прва земја од Западниот Балкан која го одржува овој значаен процес, што претставува признание и за нашата регионална улога и јасен сигнал за пријателството и силното сојузништво меѓу двете земји – подвлече Османи.

По официјалното отворање, следеше сесијата посветена на регионалните иницијативи, што беше предводена од Османи и Донфрид. Во фокусот на дискусиите беше важноста на регионалните иницијативи за реформските процеси како особено значајни за евроинтегративните перспективи, помирувањето и целокупната стабилност на Западниот Балкан, соопшти МНР.

Министерот Османи го нагласи активното учество на Северна Македонија во голем број регионални иницијативи, притоа истакнувајќи ги Берлинскиот процес, Отворен Балкан, Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Регионалниот совет за соработка и др.

-Северна Македонија како иницијатор на И8 и Б6 е земја предводник на регионалните иницијативи со визија за забрзување на реформските процеси, зајакнување на економската интеграција и забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан. Ваквиот пристап е особено значаен за надминување на разликите меѓу земјите од регионот и нивно што поскоро интегрирање во ЕУ. Особено сме благодарни на САД за нивната континуирана и недвосмислена поддршка на нашите заложби во оваа насока- истакна Османи.

На сесијата стана збор и за актуелните безбедносни состојби, при што беше упатена заедничка осуда за руската воена инвазија, како и поддршка на Украина и украинскиот народ. Дополнително, беа поздравени постигнувањата на Северна Македонија во рамки на евроинтегративните процеси и беше упатена порака за што поскоро започнување на пристапните преговори со ЕУ.

Поврзани новости