Собранието денеска ја почна 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада на Република Северна Македонија.
Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржан. Во салата имаше регистрирано 108 пратеници.
Талат Џафери, мандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај, вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата Влада. Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.
Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Преодната Влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај.
Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори.
Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.