Уставниот суд денеска ја одржува 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот.
На седницата не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.
Непосредно пред гласањето на дневниот ред предложен за оваа седница, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии.
– За овој предмет пожелно е да бидеме сите присутни да ги вкрстиме сите наши аргументи и ставови, рече судијата Скендер.
Останатите судии не се согласија со Предлогот и беше изгласано истиот да се одбие. Нивните аргументи беа дека доколку востановат таква пракса, тогаш ќе треба и за други предмети да се чека да бидат присутни сите, со што, како што посочија, ќе се кочи работата на судот. Воедно, аргумент беше дека и за други предмети досега одлучувале во отсуство и на други судии.
По одлуката, судијата Фатмир Скендер одлучи да не присуствува на расправата за првата точка од дневниот ред, односно за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
– Поради неможност моите ставови да бидат слушнати од отсутните судии, јас нема да присуствувам на расправата по првата точка, рече судијата Скендер.