За Саемот на книгата, кој започна вчера, а ќе трае до 24-ти април во Спортската сала „Борис Трајковски“, издавачката куќа ТРИ подготвила многу новитети од домашни автори и преводи на светски бестселери, големи попусти до 80 % и понуда од над 600 наслови.
Од ТРИ информираат дека гостин ќе им биде познатиот режисер Срѓан Драгојевиќ, кој ќе ја промовира својата книга „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“.
-ТРИ овој Саем го посветува на домашните писатели и автори од регионот кои читателите ќе имаат можност да ги сретнат на самиот Саем – пристигнуваат неверојатните есеи на Горан Стефановски „Пофалба на обратноста и други есеи“, како и илустрирано издание на безвременскиот текст „Писмо до внуката“, новиот есеистички наслов на Румена Бужаровска „Господ, па Америка“, романот на годината „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, како и прирачник за трајно здравје од Маја Волк.
За Саемот ексклузивно пристигнува и новата книга од Робин Шарма „Богатство што не се купува со пари“, како и Влијание“ од Роберт Чалдини, „Остани безгрижен со Епиктет“ од Јана Капри и Чаран Дијаз и „Човековата потрага по смисла“ од Виктор Франкл, велат од ТРИ.
Додаваат дека саемското искуство ќе биде исполнето со одлична агенда – средби со авторите ексклузивци на ТРИ и гостите од странство, како и со многу промотивни настани посветени на актуелните наслови од издавачката програма на издавачот.
Вики Клинчарова