Евакуацијата на преостанатите пациенти од болницата Ал Шифа во Газа, со 14 амбулантни возила, почна денеска во координација со Обединетите нации и меѓународната хуманитарна невладина организација „Лекари без граници“, соопшти палестинскиот Црвен крст.
Израел со недели бара евакуација на болницата и го координира процесот откако ја презеде контролата врз медицинскиот центар каде, како што тврдат, Хамас имал команден центар и го користел како база за своите воени операции, пишува Тајмс оф Израел.
Портпаролот на Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, Ашраф ал-Кидра, рече дека во установата има над 250 пациенти и дека околу 400 раселени лица сè уште се во установата.
Израел и Светската здравствена организација ја координираа евакуацијата на 31 предвремено родено бебе од болницата Шифа во јужниот дел на Газа во текот на викендот, од кои 28 подоцна беа пренесени во Египет.