Телефонскиот разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски со шефот на кинеската држава Си Џинпинг е оценет како позитивен знак.
Германската влада оцени дека телефонскиот разговор помеѓу Зеленски и Си е добар сигнал.
-Кина, како постојана членка на Советот за безбедност има особена одговорност за ставање крај на руската инвазијана Украина, која е спротивна на меѓународното право – изјави портпарол на владата во Берлин.
Телефонскиот разговор беше поздравен и од страна на Вашингтон.
-Сметаме дека тоа е добро – изјави директорот за комуникации на Националниот совет за безбедност, Џон Кирби, додавајќи дека американската влада одамна нагласува дека за Ши и кинеската влада би било важно да ја слушнат и украинската перспектива на војната.
И Брисел го поздрави разговорот што го остварија кинескиот лидер Си Џинпинг и украинскиот претседател Володимир Зеленски, за кој се верува дека е нивна прва комуникација откако Русија ја нападна Украина на 24 февраури, минатата година.
-Ова е важен, одамна задоцнет прв чекор на Кина во исполнувањето на своите одговорности како членка на Советот за безбедност на ОН – рекол портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер.
Според него, Кина треба да го искористи своето влијание и да ја убеди Москва да стави кај на агресијата.
-Кинеското раководство треба да го искористи своето влијание за да ја убеди Русија да стави крај на војната, да го врати територијалниот интегритет на Украина и да го почитува нејзиниот суверенитет, како основа за праведен мир – рекол тој.
Инаку, Зеленски истакна дека имал „долг и прилично разумен разговор“ со Си.