Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека се надева оти смртта на лидерот на Хамас Јахја Синвар ќе ја отвори вратата за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници.
Тој разговараше во Берлин заедно со неговиот американски колега Џо Бајден, чија посета Шолц ја опиша како силен сигнал за трансатлантско единство.
Бајден им се придружи на другите личности, вклучително и неговиот потпретседател Камала Харис, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Џорџа Мелони и Шолц во повикот за напредок кон прекин на огнот.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека смртта на лидерот на Хамас мора да доведе до прекин на огнот во Газа и ослободување на преостанатите заложници. На состанокот со нејзиниот американски колега претходно денеска, таа рече дека смртта на Синвар „може да биде пресвртница за да се постигне примирје, да се ослободат заложниците и да се добие поголема помош во Газа“, рече портпаролот на Министерството во изјавата, пренесе Ројтерс.
Американските власти го опишаа Синвар како главен камен на сопнување за разговорите за прекин на огнот.
Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е обвинет за блокирање на договорот за прекин на огнот поради неговото инсистирање на продолжување на израелската контрола на коридорот Филаделфија, кој ја дели Газа од Египет, и коридорот Нецарим во централна Газа, стратешки пат што ја дели Газа.