Владата ќе предложи заострување на казните за функционерите, ќе бара ЕУ мониторинг за судските предмети на висока корупција, судовите ќе имаат обврска јавно да објавуваат снимки од судењата.
Ова се дел од предлозите на новата Влада во делот на владеењето на правото напишани во програмата која денеска беше доставена до Собранието.
-Владата ќе се посвети на обезбедување на ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција штом е можно побргу. Бевме прва држава во регионот кои од ЕУ побаравме веднаш да ја стартура иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани со висока корупција. Европската комисија тоа го поддржа и најави брз старт за овој инструмент. Сметаме дека овој чекор ќе ја зголеми одговорноста на обвинителите и судиите, ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата на граѓаните во својата држава и нејзините институции. Владата ќе предложи и законска обврска за објавување и јавен пристап до аудио снимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал, се вели во дел од програмата на Владата.
Како и во претходниот мандат, Владата најавува формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии како Алфа, Монструм, Диво насеље, итн.
По многубројните бегства за време на минатиот мандат на оваа коалиција, Владата најавува електронско следење на лицата што се во куќен притвор.
Покрај проверката на потеклото на имотот што беше објавено власта најавува и зголемување на казните типични за функционерите.
-Корупцијата и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните и институциите. Граѓаните се особено чувствителни на злоупотребите на носителите на функции и тоа со право. Никој не смее да е над законот, а носителите на функции со свој пример тоа мора да го докажуваат. Ќе предложиме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела типично врзани за носители на функции. Дополнително, ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата, најавува новата Влада.
Во новата програма посебно се разработени ветувањата во делот на економијата, здравството, образованието и другите општествени сфери.