Почна увозот на странски работници и во земјоделскиот сектор. Претседателот на Собрание на Организација на работодавачи, Ангел Димитров потврдува дека работници од Индија се пристигнати на фарма и во млекара во Свети Николе, пишува агенцијата „МИА“.
Тој за МИА изјави дека тоа е ниско квалификувана работна сила и дека сопственикот на млекарата и фармата е задоволен од работниците од Индија. За нив има обезбедено сместување, храна, плата, здравствени прегледи, визи и тоа се едни од условите, за овие работници да дојдат и да работат во овој сектор.
„Пополека почнува да се примаат работници од странство, има нешто во земјоделието, кај нас на пример има дојдено во млечната индустрија од Индија, во градежништото веќе одамна има работници од Турција и далечниот Исток. Така да мислам дека овој процес во иднина ќе биде многу јак, затоа што се појавуваат многу основани Агенции, кои сакаат со тоа да се занимаваат и да им биде тоа бизнис“, вели Димитров.
Забележува дека нема логика да се плаќаат странските работници пониско во однос на нашите работници.
„Овие години доста голем број на работници одат во пензија, за нив немаме замена од наши млади работници од Македонија. Така да тоа останува единствен излез ако сакаме да го задржиме сегашниот буџет, фондовите да ги полниме. Во спротивно паѓаат сите овие параметри и многу негативно ќе се одрази не само на економијата, туку и како држава“, вели Димитров.
Тој смета дека Законот за вработување на странски работници е комплициран и има квоти за вработување. Димитров вели дека токму поради ова мора да се либерализира овој Закон за да може да се увезуваат странски работници како сезонски и во земјоделскиот сектор. Во моментов најголемиот број на странски работници се во градежниот сектор, кои работат на изградба на патишта, но и на станбени згради.
„Сите големи странски градежни компании кои градат во Македонија најголем дел од работниците го обезбедуваат од надвор. Јас мислам дека исто ќе се случи и со сега најавуваните градби на автопатиштата. Затоа што е факт дека Македонија нема работна сила. Ние имаме фиктивен број на невработени, кои во суштина не сакаат да работат, особено не во овие гранки, какошто е земјоделието, градежништото, текстилот“, додава Димитров.
Посочува дека во овој дел нашата земја е назад во однос на соседните држави и на Балканот.
„Да ги спомнеме Србија, Бугарија предничи пред нас, дури и една Босна вработува повеќе странци, отколку ние што вработуваме, да не зборуваме за Хрватска каде што цели населби имаат и да речеме имаат над 20.000 луѓе вработени од Непал“, вели Димитров.
Тој очекува Законот за работни односи кон крајот на годината да влезе во Собранието, а во моментов какошто вели синдикатите вршат притисок и водат дебати за платите во јавниот сектор и за Колективниот договор во овој сектор.