Во текот на следните денови Протоколот за членство во НАТО ќе биде ратификуван од грчкиот Парламент, рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите и ги објасни обврските и следните чекор за Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
-Во текот на следните денови Парламентот ќе го ратификува протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО, а во продолжение ќе се испрати Вербална нота од Министерството за надворешни работи на Грција до Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и со тоа, автоматски стапуваат во сила уставните измени и секако промената на името, објасни Ѕанакопулос.
На прашањето на дописничата на МИА од Атина дали за ратификацијта на Протоколот постои конкретен датум, тој одговори негативно.
Во новинарските кругови во Грција се споменува дека веќе следната седмица, протоколот ќе биде доставен во грчкиот Парламент, прво пред надлежната комисија, а потоа и на пленарна седница, по што ќе следи и гласање.
Одоговарајќи на новинарско прашање зошто македонскиот премиер не го користи новото име Северна Македонија, Ѕанакопулос објасни дека „уставната промена на името ќе се случи автоматски веднаш по ратификацијата на протоколот за членство во НАТО”.
-Пред малку господинот Заев рече: Република Македонија, а за кратко време, Република Северна Македонија. Станува збор за формално – техничко прашање. Да бидеме трпеливи уште неколку дена и ќе видиме дека спроведувањето на договорот ќе биде апсолутно сигурно и од двете страни, истакна Ѕанакопулос.
Во однос на евентуална средба Ципрас – Заев, рече дека не е планирано такво нешто.
Портпаролот на грчката влада, на денешниот маратонски брифинг со новинарите во траење од над еден час, говорејќи за Договорт од Преспа, рече дека 25 јануари 2019, денот кога беше ратификуван Договорот од Преспа, ќе биде историски настан за мир, соработка и стабилност на Балканот.
-Ратификацијата на Договорот од Преспа што ја враќа водечката улога на земјата на Балканот на заеднички развој, пријателство меѓу народите, но и соработка е од историско значење, истакна Ѕанакопулос додавајќи дека тоа е победа на политичката храброст над национализмот, квази-патриотизмот и омразата.
На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Договорот од Преспа, по зеленото светло од Парламентот, доби зелено светло и од грчкото општествво, особено по владината кампања, Ѕанакопулос рече дека постојат две групи- “ДА” и “НЕ”, односно оние кои што се за и против конкретното решение меѓу двете земји. Додаде дека ритамот на вторите го дадоа екстремно десничарските сили и партии.