Извршниот и Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата Зоран Заев да ги одложи оставките се додека не се нормализираат процесите во државата.
– Во демократска дискусија во која што членовите на ЦО имајќи ги предвид пред се случувањата во државата и моментумот во којшто се наоѓа Северна Македонија во овој период, којшто е многу клучен за процесите коишто понатаму треба да следуваат, едногласно донесе одлука претседателот и премиерот да ја одложи оставката на одредено време додека овие процеси не се нормализираат, изјави претседавачот на ЦО на СДСМ, Перо Костадинов по вечерашните седниците на двете тела.
Според Костадинов, одлагањето на оставките ќе биде додека состојбите во државата го бараат тоа.
– Не треба да потенцирам дека државата после многу години режим продолжува и се гради на европските вредности, на вистинските демократски и слободарски вредности. Ова е слободна во која што принципите на единството, принципите на соживотот се клучна наша водилка и затоа СДСМ се исправува на висина на таа задача и наредниот период ќе работи во интересите на граѓаните и на можноста која е исправена пред нас државата да западне во нова криза и да биде ставена во некој ретроградни процеси. Генералната одлука која што е донесена е дека моментумот пред којашто е исправена Македонија е многу значаен и сите ние треба да бидеме на висината на задачата, бидејќи голема е цената, потенцира Костадинов.
Тој изрази надеж дека сите, а пред се политичарите и функционерите, ќе го запазат демократскиот курс по којшто е тргната земјата и дека сите заедно „ќе продолжиме на патиштата коишто значат прогрес пред се движење по европските патишта“.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ се обидува со поткупи, уцени и закани да остане на власт.
– Се повторуваат сценаријата со притисоци врз пратеници, овој пат потпишани на иницијативата за изгласување недоверба на актуелната влада. Информациите се дека тие притисоци се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди.
Пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи во понеделникот изјави дека бил „прелажан“ да се потпише на иницијативата за ново парламентарно мнозинство, нагласувајќи дека не сака да учествува во уривањето на Владата заедно со пратеници од Левица. Тој дури најави и дека ќе ја напушти Алтернатива, доколку партијата заедно со Левица учествува во уривањето на Владата.
По ова, вчера преку Фејсбук се огласи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој му го предложи на Реџепи да се потпише на нова иницијатива за гласање недоверба на Владата заедно со уште 19 пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
– Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ, напиша Мицевски на Фејсбук.
Реџепи синоќа возврати начелно го прифаќа предизвикот на Мицевски, но најави дека претседателството на Алтернатива денеска ќе го донесе конечниот став по иницијативата за гласање недоверба на Владата.