Кривичниот суд му го замрзна имотот на бизнисменот Трифун Костовски, кој беше сопственик на Еуростандард Банка, објави бизнисменот во колумна за „Либертас“.
Според Костовски, блокадата на неговиот личен имот, покрај сумата од стотина милиони евра која неговото семејство ја има како влог во Еуростандард, е почеток на пресметката со него од “организаторите на овој криминал кои тргнале првенствено кон згаснување на Еуростандард банка со цел да не се дојде до крајната дестинација каде завршиле парите”.
„Сега посегнаа да ми го блокираат имотот, бидејќи тоа е можноста да ја водам натамошната битка за вистината. Да појаснам што тоа значи: имам имот, не смеам да го отуѓам, а сакам да го отуѓам бидејќи ми се потребни финансиски средства за водење на оваа војна. Што уште остана да ми земат? Мојот живот? Им го нудам на тацна“, пишува Костовски во колумна за „Либертас“.
Костовски во повеќе наврати обвини дека НБРМ е џелатот на Еуростандрд, иако раководството знаело дека за банката има заинтересиран купувач.
Блокадата на имотот доаѓа на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а отворена е и предистражна постапка за четири лица.