Замир Мехмети, еден од најистакнатите активисти на шарената револуција и брат на поранешната пратеничка Ермира Мехмети, ја коментира одлуката на Собранието кое едногласно го изгласа Законот за амнестија, со кој ќе се спасат од одговорност голем дел од обвинетите за 27 април.
Мехмети вели дека токму обвинетите пратеници се најодговорни за настаните, бидејќи тие ги отвориле вратите.
„Да не ги отворија вратите некои пратеници ваши колеги, немаше да има никакво насилство и се ќе се завршеше како еден обичен протест.
Дакле сега тие што веќе лежат за кебачиња, за марула или кубик масло од канабис и другите кои чекаат да бидат осудени на крај ќе треба да гнијат у затвор, а овие што сакаа насилно да си ја зачуваат власта, без притоа да водат сметка дали некој ќе биде тепан или убиен, ќе си продужат да си бидат пратеници па уште и визионери.
Ако сето ова е во име на помирувањето сакам јасно да порачам дека ова е помирување со кое не можеме да се помириме. Не затоа што сакаме некој по секоја цена да биде во затвор, ама затоа што ги оставивме крајниците, ги испокршивме рацете и нозете барајки правда, барајки одговорност, надевајки се дека никогаш повеќе не смее да има селекивна правда“, напиша тој на својот фејсбук профил.
Замир Мехмети, инаку, по смена на власта беше поставен за неизвршен член во одборот на директори на Македонски Телеком.