Заминува последниот пациент од модуларната ковид-болница во Прилеп

by Fokus

Последниот пациент, кој е хоспитализиран во модуларниот ковид-центар во Прилеп, денеска ќе биде испратен дома, а модуларната болница ќе биде времено затворена.

Ова следува по падот на бројот на заболени од ковид-19 во земјава, додека истовремено се интензивира вакцинацијата.

На регионалниот пункт во Прилеп е зголемен е бројот на термините од 500 на 890 термини за вакцинација. Изутрината се вакцинираа инвалидизираните лица, а почна имунизацијата и на помладата популација. Доктор Сашо Пуцакоски, кој на вакциналниот пункт го следи процесот вели дека покрај ревакцините почнаа да се даваат и дози на Фајзер и на Синовак.

-Денеска почнавме со вакцинација со „Фајзер“, а и на „Синовак“, а тече ревакцинацијата со „Астра зенека“, со „Синофарм“ и со „Фајзер“. Нема никакви проблеми и се надеваме така ќе продолжи“, вели доктор Пуцакоски.

Кети Смилеска, директор на прилепската Градска болница со општа надлежност, нагласува дека евидентно почна да се забрзува процесот.

-Денеска почна да се имунизира и помладата популација. Има 890 термини, а капацитетот е и до 1 000 вакцинирања дневно. Дури 80 отсто од граѓаните над 60 години веќе примиле вакцина. Досега се вакцинирани околу 12 000 граѓани од кои 4000 примиле втора доза и очекуваме тоа да се забрза. Се смета дека уште околу 3 000 прилепчани се вакцинирале на други регионални пунктови. Деновиве преку стопанската комора чекаме да почне вакцинирањето на вработените во фирмите и во институциите, вели Смилеска.

Од Министерството за здравство се очекуваат насоки за теренската имунизација.

-Чекаме како ќе се одвива теренската имунизација во населените места. Ние ќе формираме тимови кои, независно од тимовите на пунктот ќе одат и ќе вршат имунизација во населените места. Имаме доволно персонал за да не забави интензитетот на вакцинацијата, изјави Смилеска.

Поврзани новости