Околу 11:45 часот меѓу Самоков и селото Ковачевци во Бугарија одекнала експлозија, а цел била колоната на главниот обвинител Иван Гешев.
Според информациите на бугарските медиуми, главниот обвинител требало да отпатува во Турција. Пред да замине, тој одлучил да оди на состанок со помладите обвинители во Самоковската област.
Заменик главниот обвинител Борислав Сарафов изјави дека главниот обвинител патувал во правец на Софија.
-Експлозијата беше на кривина каде брзината треба да се намали. На самото место е формиран кратер со длабочина од 30-40 см и дијаметар од 3-4 метри. Експлозијата имала чист правец кон патот. Бомбата имала ТНТ еквивалент од 3 килограми, но и многу фрагменти. Експлозијата се случила во моментот кога покрај местото минувал автомобилот на Гешев. Целта на експлозијата била да се убие, а не да се заплаши, рече Сарафов.
Поднесениот предмет е за тероризам, а случајот го следат обвинители од градското обвинителство на Софија.
Според Сарафов, нема повредени, но само случајноста спречила смртни случаи.