Заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми во интервју за Порталб рече дека се согласува дека со Законот за Судскиот совет не е предвидено разрешување на претседателот на ова тело, но даде и свое толкување и рече дека тоа што разрешување не е предвидено, не значи дека е забрането.
-Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со устав и со закон е дозволено, рече Адеми кој го иницираше разрешувањето на претседателката на Советот, Весна Дамева.
Толкувајќи го Законот, Адеми вели дека Судскиот совет одлуките ги носи со мнозинство гласови, па така било и со разрешувањето на Дамева.
-Во Советот имавме мнозинство и беше гласано 7 спрема 5. Советот брои 13 члена, плус два члена без право на глас, но Законот се однесува на 13 члена кои имаат право на глас, значи седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура, рече Адеми.